Дојде денот, 12 ноември 2020, денот кој долго го очекуваа актуелните репрезентативци на Македонија, сите оние кои досега го носеле дресот на нашата репрезентација, оние кои ја предводеле селекцијата, оние кои биде дел од македонскиот фудбал, но и сите љубители на фудбалот во Македонија.
Македонската фудбалска репрезентација вечерва игра за пласман на Европско првенство, нешто што беше сон на многу генерации фудбалери кои го носеа дресот со националниот грб, а оваа генерација, предводена од капитенот Горан Пандев се избори да биде во ситуација да игра за пласман на ЕП.
Последниот чекор Македонија треба да го направи во Тбилиси, каде вечерва од 18 часот против Грузија ќе го одигра финалето за пласман на ЕП 2021 година. Без присуство на гледачи на трибините ќе се игра оваа средба , но нашите фудбалери се свесни дека ја имаат поддршката од цела Македонија и дека со победа ќе и донесат радост на сите во нашата земја.
Селекторот Игор Ангеловски кој дебитираше на клупата на нашата репрезентација на денешен ден пред 5 години има шанса со оваа селекција да го направи најголемиот успех на македонскиот репрезентативен фудбал. Тој веруваше во овие фудбалери, веруваше дека можеме да дојдеме до овде, а кога сме во финалето сака заедно со овие момци да го исполни сонот на нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев кој ја продолжи кариерата само за да има шанса да настапи на ЕП.
Проблемите ќе бидат оставени настрана, неиграњето на Барди, Велковски и Ристовски ќе треба да се надополни со борбеност, добра тактичка поставеност и со смиреност, затоа што на вакви средби треба да се имаат овие елементи за да се дојде до позитивен резултат. Ангеловски најави дека ќе им даде шанса на оние кои смета дека се најподготвени да го почнат натпреварот, а тоа значи дека ќе чека до последен момент на Адеми, а потоа да одлучи со кој единаесет ќе стартува на мечот во Тбилиси кој почнува во 18 часот.

