Бранителот на пехарот Баерн (Минхен) сигурно чекори и во новата сезона во ЛШ. Баварците доколку денеска победат против РБ Салцбург, во групата „А“, ќе го заверат пласманот во 1/8 финалето. Средбата во Германија ќе започне во 21.00 часот а ќе ја води Гринфилд од Израел. Домашниот тренер ќе ги нема Дејвис, Шуле, Толисо, Кимих , Тилман и Сар додека во редовите на Салцбург ќе отсуствуваат : Дака и Окагава додека под знак прашалник е настапот на Јонузович. Во вториот меч во групата исто така во вечерниот термин Атлетико Мадрид ќе му биде домаќин на Локомотив Москва. Мечот во Шпанија е практично директна пресметка за второто место во групата кое носи пласман во елиминацискиот дел. Тренерот на домаќините, Симеоне, остана без Санчез, Суарес, Тореира и Врсаљко додека Русите немаат поголеми проблеми во ростерот. Средбата на стадионот Ванда метрополитано ќе ја суди Винчич од Словенија. На табелата Баерн има 9 бодови, Атлетико 4, Локомотив 2 а Салцбург 1 бод.
Ситуацијата во групата „Б“ в пресрет на 4 коло е крајно неизвесна. Разликата меѓу првиот и последниот во рангирањето е само 3 бодови што дополнтелно им дава тежина на денешните пресметки. Во 18:55 часот Борусија (Менхенгладбах) ќе го пречека Шахтјор (Доњецк). Германците со 1 победа и две нерешени се лидери на табелата додека Украинците досега имаат по една победа, нерешено и пораз. Бундес-тимот ќе може да истрча во најсилен состав додека гостите допатуваат со крајно редуциран ростер. Во него ги нема бразилците Тајсон, Дентињо и Исмаили, како и Конопјанка, Малишев и Коваленко. Мечот во Германија ќе го води турскиот судија Чакир. Дербито на групата ќе биде одиграно од 21.00 часот на „Чизмата“. Интер против најтрофејниот состав во ЛШ, Реал Мадрид. Тренерот Конте ќе мора да бара соодветни замени за стандардните Коларов и Брозовиќ додека неговиот колега од спротивната страна Зидан има уште поголеми проблеми со отсуството на Бензема, Рамос, Милитао и Одриозола. На центарот на теренот на стартот на мечот ќе биде англискиот судија Тејлор. По досегашните три кола, Борусија Менхеггладбах и 5 бодови, Шахтјор и Реал Мадрид по 4 а Интер 2 бода.
Денешната понуда во групата „Ц“ ќе стартува во 18.55 во Грција со дуелот меѓу Олимпијакос и Манчестер Сити. Гледано во сите параметри, англичаните се во улога на фаворити иако не ги покажуваат очекуваните партии во континуитет. Избраниците на Гвардиола доколку си заминат триумфално од стадинот под Пиреа сигурно ќе имаат место во 1/8 финалето иако и сега со едната нога се таму. Шпанскиот тренер може да биде мирен бидејќи ќе го има на располагање комплетниот состав додека неговиот колега мака мачи како го состави тимот. Меѓу отсутните се и првите ѕвезди Брума, Ел Араби, Валбуена и Холмас. Веруваме дека судијата Маса од Италија нема да има тешка задача. Во вториот меч од групата Олимпик Марсеј од 21.00 часот ќе го пречека Порто. На „Велодром“, домаќинот нема можност да калкулира доколку сака да остане во Европа и тоа во второто по ранг натпреварување. Французите се без бод но, теоретски може да се надеваат на третото место. Од другата страна, Португалците со досегашните 2 победи и 1 пораз ја држат втората позиција на табелата со надеж дека во најмала рака ќе останата таму и по завршувањето на групната фаза. Двата тренера ќе можат да истрачаат со најдобрите состави. УЕФА за тој дуел диригетската палка му ја додели на шведскиот судија Едберг. По три кола во групата Ц, Манчестер Сити има 9 бодови, Порто 6, Олимпијакос 3 а Олимпик Марсеј е закован на дното без бод.
Во рамките на групата „Д“ мечевите ќе бидат одиграни во Англија и Холандија и тоа од 21.00 часот. Ливерпул ќе излезе на мегдан со Аталанта. „Црвените“ со максимален ефект го запоседнаа првото место во групата и доколку денеска прокнижат нови бодови сигурно ќе исчекорат во елиминацискиот дел. Гостите исто така имаат императив за победа бидејќи се во мртва трка со Ајакс за посакуваното второ место. Клоп гледано во списокот ќе ги нема: Алескандар Арнолд, Гомез, Чемберлен, Шаќири и Ван Дајк додека неизвесни се: Алкантара, Хендерсон, Кеита и Вилијамс. Во речиси идентична позиција е составот од Бергамо кој допатува без неколку стандардни првотимци. Мечот ќе го суди Дел Черо од Шпанија. Вториот дуел кој исто така е многу значаен ќе биде одигран на Арената во Амстердам. Забревтаниот Ајакс ќе ги одмери силите со Митјиланд кој е тотален аутсајдер во групата и нема освоено ниту бод. Веруваме дека судијата Карашев од Русија ќе биде на висина на задачата. На табелата, Ливерпул има 9 бодови, Аталанта и Ајакс по 4 додека Данците останаа на 0.

