Со денешните 8 средби ќе заврши 5 коло во групната фаза во Лигата на фудбалските шампиони. Гледано според табелите, три екипи денеска имаат шанса да обезбедат учество во 1/8 финалето и да им се придружат на Баерн (Минхен), Манчестер Сити, Челзи, Севилја, Барселона, Јувентус , Ливерпул и Порто кои ќе презимат во Европа.
Во групата Е, Севилја и Челзи се сигурни учесници во елиминациите и во директна пресметка ќе решат за првото место. Краснодар и Рен ќе се борат за 3. позиција која дава шанса да се продолжи во Лигата на Европа. Групата „Ф“ е многу изедначена. Борусија (Дортмунд) има шанса да најде место во 1/8 финалето доколку не загуби на домашен терен од Лацио. Во вториот меч Бриж ќе игра со Зенит.
Во групата „Г“, Барселона и Јувентус немаат натпреварувачки мотив. Двата тима одат понатаму. Барса ќе гостува кај Ференцварош а Јуве ќе го пречека Динамо Киев. Во групата Х, Манчестер Јунајтед ќе игра со ПСЖ додека во вториот меч Башакшехир ќе излезе на мегдан со РБ Лајпциг.

