Утре (вторник) ќе биде одигран натпреварот од 6.коло од групната фаза од Лигата на шампионите меѓу РБ Лајпциг и Манчестер Јунајтед.
Според „Скај Спортс“, двајца напаѓачи на Манчестер Јунајтед ќе го пропуштат решавачкиот натпревар за пласман во елиминациската фаза на ова натпреварување. 33-годишниот Уругваец Единсон Кавани и 25-годишниот Французин Ентони Марсиал нема да играат во Германија. Според менаџерот на „црвените ѓаволи“ Оле-Гунар Солскјер, двајцата играчи имаат полесни повреди.
На првиот меѓусебен дуел, Манчестер Јунајтед го совлада РБ Лајпциг со 5:0 на „Олд Трафорд“. Пред финалните натпревари, РБ Лајпциг, Манчестер Јунајтед и ПСЖ имаат по 9 бода. Францускиот клуб, кој е лидер во групата според дополнителните индикатори, се среќава со турскиот Истанбул Башакшехир.

