Откако ги завршија клупските обврски, браќата Никола и Ѓорѓи Ѓорѓиев од денеска му се приклучија на македонскиот репрезентативен одбојкарски состав во делот од подготовките за јануарските квалификации за Европското првенство 2021.
Пристуството на коректорот и капитен Никола Ѓорѓиев, како и на техничарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, ќе им овозможи на селекторот Матијашевиќ и на неговиот асистент Николиќ да одржуваат посилни и покомплетни тренинзи во пресрет на квалификациите во Скопје од 11 до 16 јануари, кога во конкуренција на Турција и на Босна и Херцеговина, македонските одбојкари ќе се обидат вторпат да се пласираат на завршницата на континенталните собири.
Претходно, утре и задутре нашата репрезентација во рамките на турнирот „Чајка“ ќе ја тестира формата на два пријателски натпревари во Скопје против подмладениот состав на Бугарија.

