Директорот на Реал Мадрид, Емилио Бутрагењо најави дека 35-годишниот играч за врска Лука Модриќ ќе го продолжи договорот со клубот.
„Постојат играчи како Модриќ кои го прават овој спорт подобар. Неговото додавање до Ферлан Менди во првото полувреме (на мечот со Алавес) беше прекрасно. Луксуз за нас е да имаме таков играч во нашиот список. Ни даде многу, сè уште ни дава многу и ќе продолжи да го прави тоа“, изјави Бутрагењо за „Марка“.
Информациите кои доаѓаат од Шпанија се дека договорот ќе биде продолжен за уште една година – до 30 јуни 2022 година (тековниот договор истекува во јуни 2021 година). Лука Модриќ се приклучи на Реал Мадрид од Тотенхем во 2012 година. На крајот на 2018 година, хрватскиот играч за врска ја освои Златната топка.
Оваа сезона, на 18 првенствени натпревари во Шпанија, играчот за врска постигна три гола и две асистенции. Постигна еден гол на шест натпревари од групната фаза во Лигата на шампионите на УЕФА.

