Менаџерот на Арсенал, Микел Артета го пофали тимот по победата над Лидс Јунајтед со 4:2. „Топџиите“ одиграа еден од своите најдобри натпревари во сезоната и поведоа со 4:0, но гостите потоа постигнаа два гола.
Сепак, шпанскиот тренер беше задоволен од она што го виде на теренот.
„Јас сум многу задоволен од победата и нашата игра против силен тим кој е во состојба да создаде проблеми на секого. Одигравме одлично. На паузата им реков на играчите дека Лидс нема да се предаде и ќе вложи максимални напори да го отежни натпреваро за нас. Требаше да одиграме добро и во вторите 45 минути и да влеземе во секој дуел максимално. Добро е што постигнавме 4 гола, и создадовме многу шанси“ изјави Артета.
Пјер-Емерик Обамејанг не ја криеше радоста од неговиот прв хет-трик во Премиер лигата. Габонецот честопати беше критикуван дека не игра на нивото од претходните сезони, но против Лидс тој покажа за што е способен.
„Не можам да не бидам среќен. Знаев дека ќе биде тешко против овој противник. Дури и при 4:2 не бевме нервозни и смирено ја чувавме топката. Овој хет трик ми значи многу. Јас секогаш работам напорно. Имав тежок период, но мајка ми веќе е добро. Благодарам на сите навивачи за поддршката. Клубот ми помогна и мене“, рече Обамејанг.

