Македонија го загуби првиот натпрева од квалификациите за СП, на гостувањето во Романија поразена од домашната селекција со 3:2 и покрај тоа што успеа да анулира предност од 2:0 и да израмни на 2:2.
Селекторот Игор Ангеловски на прес-конференцијата по натпреварот го анализираше истиот.
„Жалосно за еден тренер е кога неговиот тим ќе создаде толку зрели шанси, и на 0:0 и на 2:0, но на крај нема да освоиш ниту бод. Но, гостувавме кај селекција која е главен кандидат за второто место во групата и покажавме да можеме да се носиме против таков ривал. Не смее овој пораз да не поколеба и треба да реагираме. Ни недостигаше завршница, да ги реализираме многубројните шанси кои ги имавме. Клучен момент беше што немавме реализација. Не паметам некогаш да сме креирале толку шанси против вакво противник. Мислам дека бевме добро поставени и при голот за 3:2, но топката среќно стигна до Јанис Хаџи, кој успеа да погоди. Не освоивме бод само заради нереализираните шанси. Имавме многу шанси, единствено што можам да им замерам на фудбалерите е лошата реализација“, рече Ангеловски.
Нашиот селектор потоа им се заблагодари на Романците, кои ги нарече братски народ.
„Ми се допадна Јанис Хаџи, но и Михаила, кој е голем талент, а одличен беше и Станчу. Овие два дена бевме перфектно пречекани и угостени од Романците. Кажав и вчера дека романскиот народ е братски народ, луѓето на стадионот и во хотелот беа гостопримливи и верувам дека романскиот народ ќе навива за Македонија на Европското првенство“, изјави селекторот Ангеловски.
Веднаш по нтапреварот, македонската делегација се врати во Скопје, а од денес ќе започне со подготовка на следниот натпревар против Лихтенштајн коој го играме во недела.

