Денес ќе бидат познати полуфиналистите на вториот најсилен клупски турнир на Стариот континент – Лига Европа. Како што се приближува крајот на натпреварувањето, станува се поинтересно.
Несомнено најинтересен и највозбудлив дуел ќе се игра во Прага помеѓу Славија и англискиот Арсенал. На првиот натпревар на „Емирати“, чешкиот тим одигра нерешени 1:1 и непријатно ги изненади лондончани, кои се обидуваат да ја спасат сезоната триумфирајќи во Лигата на Европа и обезбедувајќи пласман во Лигата на шампионите. „Пред нас е вистинска битка, која мора да ја добиеме“, прокоментира менаџерот на Арсенал, Микел Артета, кој нема да смета на sвездата Пјер Емерик Обамејанг на овој натпревар. Неизвесен е и Мартин Одегард, а Давид Луис и Кирон Тирни не заминаа со екипата за Чешка.
Другиот англиски претставник во оваа фаза – Манчестер Јунајтед, во голема мерка обезбеди предност по победата од 2:0 како гостин кај Гранада и денес треба само да го заврши започнатото. 20-кратниот шампион на Англија излегува расположен по убедливата победа над Тотенхем со 3:1 изминатиот викенд. Менаџерот Оле Гунар Солскјер се очекува да направи многу промени во составот, давајќи им шанса на играчи кои играат поретко.
Честа на Шпанија во Лига Европа ќе ја брани Виљареал, кој денес е домаќин на Динамо Загреб по победата од 1:0 како гостин. Виљареал последен пат играше во полуфиналето во Европа пред пет години, кога загуби од Ливерпул во Лигата на Европа. Тренерот на „Жолтата подморница“ Унаи Емери нема да може да смета на Еступинјан и Ибора. Шпанците мора да бидат многу внимателни и да не го потценат противникот, бидејќи Хрватите покажаа голема сила во претходното коло против Тотенхем. После 0:2 на првиот натпревар, тие постигнаа целосен пресврт и во Загреб победија со 3:0.
Во последниот четвртфинален реванш натпревар, Рома е домаќин на Ајакс. „Волчицата“ победи со 2:1 во Амстердам и денес мораат да го задржат водството. За Римјаните, освојувањето на Лигата на Европа е исто така цел, бидејќи тие не стојат добро во Серија А и најверојатно нема да бидат во зоната за настап во Лигата на шампионите. Во исто време, Ајакс сега е скоро сигурен шампион на Холандија и може целосно да се фокусира на Лигата на Европа.
Реванш натпреварите од ¼ финалето во Лига Европа се играат вечерва со почеток од 21 часот.

