Дефанзивецот на Челзи, Цезар Аспиликуета е трансферна цел на Атлетико Мадрид, откриваат медиумите во Шпанија. 31-годишниот фудбалер, кој е и капитен на „сините“ од Лондон, има договор до 2022 година, но сè уште не го продолжил.
Доколку преговорите меѓу двете страни се одолговлекуваат, другите тимови ќе гледаат на ова како можност за ангажирање на искусниот дефанзивец. Диего Симеоне е загрижен за честите повреди на Хозе Хименез, а Марио Хермозо, Фелипе и Стефан Савиќ не се константни во нивните настапи. Привлекувањето на Аспиликуета би било одличен потег, но Челзи нема лесно да се раздели со еден од своите лидери. Аспиликуета потекнува од школата на Осасуна и одигра 99 натпревари за оваа екипа во Ла Лига помеѓу 2007 и 2010 година. Следуваа две сезони во Олимпик Марсеј, а во 2012 дефанзивецот потпиша со Челзи за 7 милиони фунти.
Со лондончани, тој двапати ја освои Премиерлигата, еднаш ги освои ФА купот и Лига купот, а двапати го подигна и трофејот во Лига Европа. Оваа сезона, Аспиликуета има вкупно 35 натпревари во сите натпреварувања за Челзи, со еден гол и две асистенции.
