Босанската звезда во екипата на Рома, Един Џеко, најверојатно ќе го напушти „Олимпико“ по крајот на сезоната, објави на Твитер италијанскиот новинар Николо Скира.
Договорот на Џеко со Рома истекува на 30 јуни 2022 година, но двете страни можат да се договорат за раскинување на договорот. Годишната плата на Џеко е 7,5 милиони евра. Во еден момент од сезоната, Џеко имаше несогласувања со тренерот Пауло Фонсека. Португалскиот стручњак најверојатно нема да ја предводи Рома во новата сезона, но сепак, се очекува Џеко да го напушти Рим ова лето.
35-годишниот ветеран пристигна во италијанската престолнина во август 2015 година со трансфер од Манчестер Сити. Тој има вкупно 116 погодоци во сите натпреварувања во дресот на Рома. Оваа сезона, Џеко често останува на клупата за резерви на сметка на шпанскиот напаѓач Борха Мајорал.
Доколку Џеко стане слободен агент на лето, италијанските гиганти Јувентус и Интер можат да се обидат да се борат за неговиот потпис, тврди Никола Скира.
