Тренерот на Барселона, Роналд Куман беше разочаран по нерешениот резултат 3:3 на гостински терен кај Леванте во натпревар од 36. коло во Ла Лига.
Овој резултат ги намалува шансите на Каталонците во битката за шампионската титула. Барселона има само една победа на последните 4 натпревари.
„Тешко е да се објасни што се случи. Тимот играше добро во првото полувреме, но по паузата го намали притисокот и започна да прави многу грешки. На 2:2 реагиравме добро, но потоа повторно направивме грешка. Да примиме три гола за 45 минути е нешто ненормално, ова не е типично за Барселона, сезоната е тешка, има многу натпревари, но ние мораме да бидеме во состојба да издржиме. Кога ќе го започнете второто полувреме на овој начин, практично му давате крилја на противникот. Нашата цел беше да ги добиеме сите натпревари до крајот, но сега станува комплицирано. Како тренер, треба да ја превземам одговорноста. Многу сме разочарани од резултатот“, прокоментира Роналд Куман.

