Пласманот на Челзи меѓу најдобрите четири зависи само од „сините“, категоричен е менаџерот Томас Тухел.
На две кола пред крајот на сезоната, лондончани имаат бод пред Ливерпул, кој вчера победи во драматичен финиш со 2:1 како гостин против испаднатиот Вест Бромвич. Голманот Алисон беше автор на победничкиот гол во судиското продолжение.
„Тоа беше фантастичен удар со глава во последен момент. Ги направи работите исклучително интересни и врзани. Се е во наши раце. Нашиот пораз од Арсенал (0:1) му овозможи на Ливерпул да се приближи до нас. Треба да покажеме истрајност во она што го започнавме. Ситуацијата ни овозможува да не гледаме што се случува на другите натпревари. Зависиме од нас самите“, рече Тухел.
Челзи има 64 бодови, додека Ливерпул има бод помалку. Сините имаат натпревари против Лестер и Астон Вила. „Црвените“ ќе играат против Барнли и Кристал Палас до крајот на сезоната.

