Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, објави дека клубот се соочува со големи промени. Без да спомене специфични имиња, тој јасно стави до знаење дека многу од сегашните играчи ќе заминат на лето.
„Реков дека на крајот на сезоната ќе ги процениме постигнатите резултати и воопшто перформансите на тимот. Го освоивме Купот и горди сме на тоа, но рано испаднавме од Лигата на шампионите и необјасниво потфрливме во шампионатот. Ова е крај на еден циклус. Почнуваме процес на обновување. Мора да работиме напорно за да бидеме конкурентни и во Ла Лига и во Лигата на шампионите”, изјави Лапорта.
Една од неговите главни цели ќе биде да го убеди Лионел Меси да потпише нов договор, но во исто време голем дел од персоналот ќе биде заменет. Меѓу играчите со кои Каталонците планираат да се разделат се Жерард Пике, Жорди Алба, Серхио Бускетс, Усман Дембеле и Антоан Гризман. Се шпекулира дека Барса ќе се обиде да го врати Гризман во Атлетико и да го земе Жоао Феликс.

