Македонската карате репрезентација не успеа да оствари борби за медали на 56-то. Европско првенство во Пореч.
Нашата најголема надеж Емил Павлов неочекувано загуби уште во 1 коло од Павле Дујаковиќ БиХ на поени. Во борби, Симона Заборска во -55кг ја совлада Папа од Грција со 1:0 а во 2 коло и една од фаворитите, Туба од Турција со 4:2. Во 3 коло убедливо загуби од Русинката Чернишова но, доби можност во репасаж каде што минимално е поразена од Црногорката Максимовиќ со 0:1. Покрај нив, уште неколку наши во борби имаа по една победа и пораз и тоа Доан Османи до 75кг и Петар Спасеновски-84кг а кај девојките Ангела Мојсовска во -61 и Симона Симовска во +68 кг.
Во кати, искусната Пулексенија Јованоска стигна до 2 рунда и се пласираше на 11 место, што е под нејзините очекувања а до 2-ра фаза стигна и дебитантот Александар Неделковски.На ЕП и покрај кризата со корона-вирусот настапуваат 513 натпреварувачи од 47 земји. Тоа е последен значаен настан пред Олимписките квалификации во Париз од 11-13 јуни.

