Тренерот на Барселона, Роналд Куман не верува дека победата над Еибар од 1:0 ќе биде неговиот последен натпревар на кормилото на клубот и додаде дека сака да изгради подобар тим.
Куман, кој беше назначен од поранешниот претседател на клубот Хозе Марија Бартомеу минатото лето, ги предводеше Каталонците оваа сезона до трофеј во „Копа дел Реј“. Сепак, тимот заврши на разочарувачкото трето место во Ла Лига и беше елиминиран во осминафиналето од Лигата на шампионите.
Последните недели шпекулираа шпанските медиуми за неговата иднина. Во текот на неделата, новиот претседател на Барселона, Жоан Лапорта, рече дека промената е неизбежна, а медиумите постојано тврдат дека легендата на клубот Чави Хернандез ќе биде новиот тренер. Холанѓанецот изјави дека не верува дека ова ќе биде неговиот последен натпревар како тренер на Барселона.
„Мислам дека ова не беше мојот последен натпревар. Имам договор и не знам повеќе од тоа. Вие медиумите многу зборувате за тоа, но јас сум смирен околу таа тема. Ако клубот сака да промени нешто, тие треба да ми кажат“, рече Куман на прес-конференцијата.

