Арсенал е заинтересиран за дефанзивецот на Севиља, Жул Кунде, пренесуваат медиумите на Островот. 22-годишниот талент остави силен впечаток со своите настапи во текот на сезоната, одигра 34 натпревари и постигна 2 гола во Ла Лига. Ова не остана незабележано од големите гиганти, па затоа Французинот е и во плановите на Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид.
Арсенал итно треба да ја засили одбраната, особено во централниот дел. Клубот ќе се раздели со ветеранот Давид Луис, чиј договор истекува и нема да биде обновен. Затоа е важно да се најде квалитетна замена за него, а „топџиите“ го свртеа вниманието кон Кунде.
Сепак, постојат два проблеми со кои се соочува можниот трансфер на Кунде на „Емирати“. Првата пречка е прилично високата цена од 50 милиони фунти што Севиља ја посакува за овој играч. Другиот проблем е што дефанзивецот нема многу желба да се пресели во тим што нема да игра во Лигата на шампионите.
Кунде има договор со Севиља за уште три години. Тој веќе има голем трофеј на своето конто, кревајќи ја титулата во Лигата на Европа минатата сезона.

