УЕФА објави дека ќе преземе казнени мерки против Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, кои се уште не се откажале од својата идеја за формирање на Супер лига.
„Како резултат на истрагата спроведена од инспекторите на УЕФА за етика и дисциплина во врска со таканаречената „Супер лига“, покрената е дисциплинска постапка против Реал Мадрид, Барселона и Јувентус за потенцијални прекршувања на прописите на УЕФА“, соопштиле од УЕФА во кратката изјава.
Не е јасно какви ќе бидат казните за трите клуба, а меѓу можностите што се споменуваат во странските медиуми е и исфрлањето од европските натпеварувања за период од две години. Останатите девет клуба кои изјавија дека се подготвени да учествуваат во сличен проект – Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Арсенал, Челзи, Тотенхем, Атлетико Мадрид, Милан и Интер – веднаш се откажаа, но исто така беа казнети.
Нивната санкција беше парична казна од 5% од приходите од европски клупски натпреварувања во една сезона. Доколку овие девет клуба одлучат повторно да се приклучат на сличен проект, секој ќе биде казнет со 100 милиони евра.

