Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис официјално го објави назначувањето на Лучијано Спалети за нов тренер на тимот. Спалети го наследува Џенаро Гатузо, чиј договор не беше обновен.
„Среќен сум што можам да објавам дека Лучијано Спалети ќе биде нов тренер на Наполи од 1 јули. „Добредојдовте, Лучијано, ќе завршиме одлична работа заедно“, напиша Де Лаурентис на „Твитер“.
Договорот на 62-годишниот Спалети е на две сезони. Тој не водеше тим во последните две години откако беше ослободен од Интер во 2019 година, но неговиот договор никогаш не бил раскинат и ќе истече на 30 јуни. Тренерот има долгогодишно искуство во Серија А, забележувајќи 482 натпревари како тренер во италијанската елита.

Тој ги водеше екипите на Емполи, Сампдорија, Венеција, Анкона, Удинезе, Рома, Зенит и Интер. Неговата главна цел ќе биде квалификации на Наполи во Лигата на шампионите, откако Гатузо тоа не го стори во последните две сезони.
