Бразил е првиот финалист на овогодинешното издание на Копа Америка. Синоќа домаќините на турнирот остварија победа од 1:0 над Перу во првата полуфинална пресметка на стадионот „Олимпико Нилтон Сантос“ во Рио де Женеиро. Херој за „кариоките“ беше Лукас Пакета, кој го постигна единствениот гол на натпреварот во 35-та минута.
Двата тима имаа добра игра по едно полувреме. Бразил доминираше во првото полувреме, а Перу во второто поувреме. Во 35-та минута Бразил сепак ја материјализираше својата супериорност. Нејмар влезе во шеснаесетникот, измами двајца дефанзивци и даде една повратна топка на пеналтикот, каде беше Лукас Пакета, кој погоди за 1:0 што на крајот беше и конечен резултат на натпреварот.
Со оваа победа, Бразил по 21 пат во историјата обезбеди пласман во финалето на Копа Америка, бранејќи ја титулата во 2019 година. Бразил сега го чека победникот од другото полуфинале помеѓу Аргентина и Колумбија, кое се игра вечерва во 3 часот по полноќ.

