Фудбалерите од средниот ред Жоржињо и Марко Верати се најголемата опасност за Англија во финалето на Европското фудбалско првенство против Италија, смета играчот на домашната селекција Калвин Филипс. Двете екипи ќе се соочат утре во 21 часот на „Вембли“ во Лондон.
„Играв против Жоржињо. Тој е одличен играч и многу добро се снаоѓа во Челзи. Играч кој совршено ја контролира топката и го користи своето тело за да ја заштити. Сепак, тој нема да биде единствениот предизвик со кој треба да се соочиме. Марко Верати не е помалку добар играч и навистина му се восхитувам. Со нив, средината на Италија станува многу опасна“, изјави играчот за врска на Лидс Јунајтед.
„Ова ќе биде нашиот најсериозен тест досега на турнирот. Сепак, Герет Саутгејт ја знае својата работа. Тој е свесен за силните страни на Италија, како тие ќе играат и како можеме да одговориме на нив”, додаде Филипс.

