Новиот селектор на А репрезентацијата на македонија, Благоја Милевски ја почнува ерата во сениорскиот национален тим каде доаѓа на местото на досегашниот селектор Игор Ангеловски.
Милевски пред неколку години со младата селекција до 21 година го направи историскиот успех со пласманот на ЕП во Полска, а сега по настапот на сениорската репрезентација на Еуро 2020 ќе го предводи нашиот најдобар репрезентативен колектив. Договорот на двете страни е до 2024 година.
Досега нашата фудбалска репрезентација ја предводеа: Андон Дончевски, Ѓоко Хаџиевски, Драги Канатларовски, Ѓоре Јовановски, Никола Илиевски, Слободан Сантрач, Бобан Бабунски (в.д), Среќко Катанец, Мирсад Јонуз, Влатко Костов (в.д), Џон Тошак, Гоце Седлоски (в.д), Чедомир Јаневски, Зоран Стратев (в.д), Бошко Ѓуровски, Љубинко Друловиќ и Игор Ангеловски.
Од сите селектори, најдолго на клупата на Македонија се задржа токму Игор Ангеловски, кој 5,5 години работеше со националниот тим и зад себе има резултати и бројки кои статистички го прават најуспешниот селектор во историјата. Пред Благоја Милевски се големи предизвици затоа што во септември ќе ја води Македонија на три квалификациски натпревари за СП 2022, против Ерменија и Романија дома и Исланд на гостински терен.