Данскиот фудбалер Кристијан Ериксен ќе дознае дали ќе може повторно да игра фудбал во октомври, пишува „Газета дело Спорт“.
Тогаш се закажани прегледи од кардиолози за да утврдат дали неговата состојба му дозволува да се врати на теренот. 29-годишниот Данец доживеа срцев удар за време на Евро 2020 и мораше да му биде вграден специјален дефибрилатор.
Минатиот месец Интер објави дека Ериксен е во „одлична физичка и ментална состојба“, откако бил прегледан од клупските лекари. Сега фудбалерот ќе има потемелен преглед во октомври, што конечно ќе одговори на прашањето дали ќе може повторно да игра фудбал. Италијанскиот закон вели дека ниту едно лице не може да се занимава со професионални спортови доколку страда од срцеви заболувања.
Лекарите во Интер и репрезентацијата на Данска се во постојана комуникација за да одлучат дали Ериксен може да продолжи со тренинзите. Играчот моментално е во Милано со своето семејство и чека да дознае каква ќе биде конечната одлука за неговата иднина.