Репрезентацијата на Македонија одигра одличен натпревар во Ереван и со убедливи (0:5) буквално ја прегази Ерменија со што остана во игра за второто место во нашата група кое носи во мундијалскиот бараж. Хет-трик на Енис Барди и по еден гол на Милан Ристовски и Александар Трајковски за големата победа на Македонија. По завршувањето на натпреварот, на прес-конференцијата зборуваше селекторот Благоја Милевски, кој нагласи дека е среќен за победата и играта на своите избраници.
„Пред сè, честитки за фудбалерите, покажаа уште еднаш дека во себе имаат огромен потенцијал. Сепак, имаме уште еден натпревар до крајот на циклусот, што ќе се случи по него, ќе видиме в недела. Мислам дека не ни пречи киксот во Рејкјавик, одиме од меч во меч, никој не очекуваше од нас освен самите ние, дека ќе се вратиме на овој начин. Овие момци затоа беа и на ЕП, покажуваат дека се квалитетни. Критиките се составен дел од нашата работа. Јас го почитувам секое мислење, секој има право да каже што сака. Мене и фудбалерите, критиките само нè мотивираат дополнително. Нашата работа е јавна, секоја критика ако е добронамерна помага во работата, а во спротивно дополнително ме мотивира.
Никој не знаеше во Рејкјавик како ќе се одвиваат квалификациите. И тој натпревар го одигравме на високо ниво, но индивидуалните грешки се составен дел од играта. Одиме понатаму, се што е зад нас оставаме таму, а сега ни следи последниот меч со Исланд.
Имавме потешкотии со повреди во сите собири. Сепак, сите тука кои беа во комбинација за натпреварот, покажуваат дека на нив може сериозно да се смета. Ашковски е играч со потенцијал кој може да се користи на повеќе позиции. Тоа што го одира денес, не само тој туку и останатите беше навистина одлично. Денес настапи на неприродната десна бековска позиција“, рече Милевски.
Македонските репрезентативци се враќаат во Скопје каде в недела ги очекува последниот натпревар со Исланд во овие квалификации за СП 2022 година.