Светскиот рекет број 1 Новак Ѓоковиќ (Србија) ги доби Стефанос Циципас, Андреј Рубљев и Каспер Руд како ривали во неговата група на завршниот АТП турнир.
Тие ја формираат Зелената група на турнирот, кој за прв пат ќе се одржи во Торино помеѓу 14 и 21 ноември. Вториот тенисер на АТП листата, Даниил Медведев (Русија) е лидер на Црвената група. За пласман во полуфиналето со него ќе се борат Александар Зверев (Германија), Матео Беретини (Италија) и Полјакот Хуберт Хуркач. Медведев го освои турнирот минатата година откако оствари пет победи пред да го подигне пехарот, вклучително победите над Ѓоковиќ, Доминик Тием и Рафаел Надал.

Ѓоковиќ, кој минатата недела обезбеди лидерска позиција на АТП листата за крајот на годината по рекорден седми пат, има нов предизвик. Тој ќе се обиде да го израмни рекордот на Роџер Федерер, кој шест пати го освојуваше финалниот АТП турнир.
