По синоќешните квалификациски дуели, станаа познати четири од шетсте можни ривали на македонската фудбалска репрезентација за бараж-натпреварите за пласман на СП 2022 во Катар во март следната година. Португалија, Шкотска, Италија и Русија се сигурни носители на ждрепката која ќе се одржи на 26 ноември и на која Македонија сигурно ќе биде во групата на неносители.
Денеска ќе ги добиеме и последните два можни ривали во бараж-пресметките, откако ќе се одиграат и последните седум меча кои се во распоредот на евро-квалификациите. Математиките велат дека најблизу да бидат во групата на шест носители се Швеѓаните, но тие како и Полска ќе мора да почекаат на денешните настапи на Велс и Турција кои со евентуални победи можат да се пробијат меѓу носителите. Турците се уште имаат шанси да нападнат и на директен пласман на СП, па во игра за бараж се и Норвешка и Холандија.

