Денеска во специјализираната емисија „60 минути на тема…“ зборувавме за ждрепката за баражите за СП 2022. Гости во програмата на Спортското радио 90.3 фм беа генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, капитенот на нашата фудбалска репрезентација Стефан Ристовски, нашиот репрезентативец Тихомир Костадинов и поранешниот селектор, Мирсај Јонуз.
Костадинов и Ристовски имаат слични размислувања и желби околу можните противници.
„Фудбалски гледано, сите сакаме да ги избегнеме Португалија и Италија. Од друга страна, како фудбалери, сите сонуваме да играме против такви гиганти. Секако, не би рекол дека ги посакувам за противници во овој бараж, би сакал да ги избегнеме во првиот меч, па според мене најидеален ривал би ни биле Шкотска или Велс, па можеби донекаде и Русија. Ако една од тие три селекции ни бидат противници, можеме да направиме резултат“, вели Костадинов.
Капитенот на нашата репрезентација, Ристовски додаде:
„Најголеми фаворити се Португалија и Италија, но се надевам дека ќе добиеме некој од Шкотска или Велс. Шведска не би ја посакал, затоа што игра квалитетен скандинавски фудбал. Ако успееме да ги избегнеме Португалија и Италија, може да се надеваме на добар резултат“,.
Комплетната емисија проследете ја денеска репризно во 16:05 часот на програмата со спортско радио 90.3 фм.

