Натпреварот меѓу Баерн (Минхен) и Барселона од последното коло од групната фаза во Лигата на шампионите ќе се игра пред празни трибини.
Ова стана јасно по изјавата на премиерот на покраината Баварија Маркус Зодер, кој најави дека поради ситуацијата со ширењето на коронавирусот стадионите во покраината повторно се затвораат. Натпреварот на „Алијанц Арената“ помеѓу Баерн и Барселона е на 8 декември. Победата на Каталонците им е потребна за да обезбедат пласман во следната фаза од Лигата на шампионите, откако во претходното коло не успеаја да ја совладаат Бенфика на домашен терен.
Баерн во првиот натпревар ја победи Барселона со 3:0 на „Камп Ноу“. Баварците веќе го обезбедија првото место во групата „Е“, но тешко дека ќе го потценат овој меч. Сепак, недостигот од публика на „Алијанц Арена“ е донекаде добра вест за тимот на Чави Ернандез.

