ПСЖ будно ја следи ситуацијата со крилниот напаѓач на Манчестер Сити, Ријад Марез. 30-годишниот Алжирец нема многу минутажа за тимот на Пеп Гвардиола од почетокот на сезоната, а се погласни се шпекулациите дека може да го напушти „Етихад“.
Фудбалерот често е дел од натпреварите во Лигата на шампионите, но во Премиер лигата одигра само 4 натпревари како стартер во првите 14 кола. Затоа, од „Паркот на принцовите“ внимателно следат што се случува и се подготвени да дадат понуда за овој играч, доколку се појави некоја шанса, пишува „Сан“. Марез има договор со Манчестер Сити до летото 2023 година, а во оваа фаза се уште не се започнати разговори за негово продолжување.
Се уште е нејасно дали фудбалерот ќе сака да ја продолжи кариерата во Сити или ќе бара нов предизвик во кариерата. Сепак, можна понуда од ПСЖ може многу да го заинтересира. Марез беше донесен на „Етихад“ од Лестер во 2018 година. Досега има 161 натпревар и 47 голови за „Граѓаните“ каде освои две шампионски титули, три Лига купови, ФА Куп и Комјунити Шилд. Тој претходно имаше титула во Премиер лигата со Лестер Сити.