Се помалку слободни места останаа во 1/8 финалето од Лигата на шампионите. Вечерва ќе се одиграат првите 8 натпревари од последното 6.коло во групната фаза. По нивното завршување, ќе го знаеме името на уште 1 учесник во следната фаза, кој ќе им се приклучи на Ајакс, Баерн Минхен, Челзи, Интер, Јувентус, Ливерпул, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, ПСЖ, Реал Мадрид и Спортинг (Лисабон ). Но, има натпревари кои се важни и во битката за првите места во одделни групи, како и за третите места, кои даваат право на настап во Лига Европа напролет.
Во групата „А“ веќе ги знаеме првите две екипи во конечниот пласман на табелата. Тоа се Манчестер Сити и ПСЖ, кои ќе завршат како први, односно втори. Битката денеска се води за третото место за кое се борат РБ Лајпциг и Клуб Бриж кои досега имаат еднакав број на бодови – 4. Германците го пречекуваат Манчестер Сити и со победа ќе продолжат во Лига Европа, можеби ќе им биде доволно и нерешено, доколку Клуб Бриж не победи во Париз, па дури и пораз може да ги остави на 3-то место, но тогаш Белгијците мора да загубат на „Паркот на принцовите“. За да оди понатаму Клуб Бриж мора да победи и да се надева дека Лајпциг нема да победи или да заврши нерешено, односно да чекаат Германците да загубат.
Најинтересно е во групата „Б“. Таму Порто е домаќин на Атлетико Мадрид, а Милан е домаќин на Ливерпул. Тимот од „Енфилд“е веќе сигурен победник во групата со 5 победи од 5 натпревари и ќе играат само за својата чест. Сепак, секој од другите тимови се уште има шанса да се бори за второто место. Во најдобра позиција е Порто, кој има еден бод повеќе од другите два ривали. Победа денес сигурно ги става фудбалерите на Порто во предност, а може и нерешено, доколку Милан не победи. Атлетико ќе продолжи понатаму само со победа, но ќе мора да се надева дека Милан нема да победи со многу голови. За „росонерите“ задолжителна е победата, но мора да се надеваат на реми во другиот меч или да забележат успех со многу голови и да чекаат минимален успех на Атлетико Мадрид со што ќе ги надминат во гол разлика.
Во групата „Ц“ се е јасно и денешните натпревари се само за престиж. Ајакс е победник во групата, втор сигурно ќе биде Спортинг Лисабон, Борусија (Дортмунд) оди во Лига Европа како трета, а Бешикташ испадна од турнирот како последно пласирана екипа. Ајакс вечерва на арената „Јохан Кројф“ ќе игра против Спортинг, а Борусија Дортмунд ќе го пречека Бешикташ кој ќе се обиде да освоие некој бод на „Сигнал Идуна Парк“ и да не заврши без бод.
Слична е ситуацијата и во групата „Д“, каде што има само една непозната работа, а тоа е кој ќе ја освои првата позиција во групата. Реал Мадрид и Интер обезбедија пласман во осминафиналето, а сега во директна пресметка на „Сантијаго Бернабеу“ ќе го одредат победникот во групата. На Реал Мадрид му одговара и нерешен резултат, додека на Интер му е неопходна победа за првото место во групата. Шахтјор (Доњецк) и Шериф (Тираспол) во вториот меч ќе играат само за својата чест, бидејќи Молдавците се сигурни за 3. место, а и да победат, Украинците немаат шанса да продолжат во Лига Европа.
Фудбал, Лига на шампиони – 6 коло
Група А (18.45 часот)
ПСЖ – Клуб Бриж
РБ Лајпциг – Манчестер Сити
Група Б (21.00 часот)
Милан – Ливерпул
Порто – Атлетико Мадрид
Група Ц (21.00 часот)
Ајакс – Спортинг Лисабон
Борусија Д. – Бешикташ
Група Д (21.00 часот)
Реал Мадрид – Интер
Шахтјор – Шериф Тираспол

