Капитенот на Арсенал, Пјер-Емерик Обамејанг е отворен за трансфер во Барселона веќе во јануари. Интенационалецот од Габон беше изоставен од групата на лондончани за мечот со Саутемптон викендов, кога менаџерот на тимот Микел Артета објасни дека причината е прекршување на дисциплинските правила – нешто што не му се случува првпат на напаѓачот.
Исто така, имаше извештаи дека овој прекршок може да го чини Обамејанг одземање на капитенската лента. За 32-годишниот напаѓач, кој има договор со Арсенал на уште 18 месеци, ова беше втор последователен пропуштен натпревар. На средбата со Евертон, Артета реши да го остави на клупата на сметка на Александре Лаказет, а Обамејанг се појавија во игра дури во 85. минута.
За интересот на Барселона за Габонецот се зборува веќе подолго време. Чави Ернандез во јануари сигурно ќе мора офанзивно да го засили својот тим. Според „Ел Национал“, самиот играч без двоумење би се преселил на „Камп Ноу“. За да го направи тоа, сепак, Барселона мора да го убеди Обамејанг значително да си ја намали платата. Во моментов во Арсенал заработува 250.000 фунти неделно. Оваа сума е невозможна за Каталонците кои се во финансиската криза, која продолжува да ја тресе Барселона.

