Првиот тениски рекет Новак Ѓоковиќ синоќа излезе со соопштение во кое ги објаснува своите активности, откако дознал дека е позитивен на корона вирусот, како и дека неговиот тим направил грешка при пополнувањето на патната декларација за Австралија.
Ѓоковиќ на својот Инстаграм профил напиша дека се обраќа поради „континуирани дезинформации за неговите активности и присуство на настани“.
„Оваа дезинформација мора да се корегира, особено во интерес да се ублажат реакциите на јавноста за мојот престој во Австралија, како и да се разјаснат работите кои се штетни и загрижувачки за моето семејство“, напиша тој.
„На 14 декември присуствував на кошаркарски натпревар во Белград (Црвена звезда – Барселона), по што пристигна информација дека голем број луѓе се позитивни на коронавирусот. Иако немав никакви симптоми, на 16 декември направив брз антигенски тест, кој беше негативен, направив ПЦР тест тој ден, а следниот ден бев на тениски настан во Белград за да им дадам награди на децата. Пред да заминам таму направив нов антигенски тест, кој беше негативен, се чувствував добро, но потоа по настанот добив позитивен ПЦР тест“, напиша Ѓоковиќ.
Тој изјави дека следниот ден, на 18 декември, во неговиот тениски центар во Белград имал интервју за францускиот весник „Л’Екип“ и дека тоа го направил за да не ја разочара новинарката.
“Се обидов да ја задржам пропишаната дистанца и постојано носев маска, освен кога се сликав. После тоа отидов дома да се изолирам. Кога ќе размислам сега, грешка беше да се прифати интервјуто, кое мораше да се одложи“, додал тој.
Најдобриот светски тенисер напиша дека е чест и привилегија да се игра на Австралија опен, кој го сакаат играчите, навивачите и пошироката заедница.

