Првата нокаут фаза од Лигата на шампионите заврши, а по неа се познати сите учесници во четвртфиналето во ова натпреварување. Со неколку изненадувања во оваа фаза , но и со неколку убедливи игри на фаворитите поминаа овие пресметки од осминафиналето.
Најлесно до четвртфиналето стигнаа екипите на Манчестер Сити и Баерн Минхен елиминирајќи ги Спортинг (5-0) и Салцбург (8-2). Изненадувачка беше елиминацијата на Јувентус од Виљареал, додека Реал Мадрид се радуваше по најатрактивниот двомеч против ПСЖ, додека Атлетико Мадрид го исфрли Манчестер Јунајтед.
Четвртфиналистите во Лигата на шампионите:
Баерн Минхен, Манчестер Сити, Реал Мадрид, Ливерпул, Атлетико Мадрид,
Бенфика, Челзи и Виљареал.
Во ждрепката која е закажана за утре(петок) точно напладне (12:00 часот) во седиштето на УЕФА во Нион нема никакви привилегии за одредени екипи. Клубовите од истите земји, како и оние кои играа меѓусебе во групите можат да се судрат, а веднаш по ждрепката за четвртфиналните парови ќе се одржи и извлекување на потенцијалните полуфиналиња.