Македонија вечерва може да испише историја, Македонија вечерва може да се радува на уште еден голем успех во спортот, но се ќе знае откако ќе го одигра фудбалскиот натпревар со Италија.
По настапот на ЕП 2020, следи бараж за пласман на Светското првенство во Катар. Ждрепката не беше наклонета кон Македонија во баражот за СП. Во иста група паднаа двата европски прваци – Италија и Португалија. Полуфинален ривал за нашите репрезентативци ќе биде актуелниот европски првак, а натпреварот ќе се игра на стадионот „Ренцо Барбера“ во палермо. Италија е голем фаворит затоа што незамисливо е за државата која беше на кровот на светот во 2006 година да се пропуштат две СП по ред.
Јасно е дека Македонија нема да се предаде, ама голем хендикеп ќе биде отсуството на главната ѕвезда и лидерот во екипата, Ељиф Елмас, кој е под суспензија поради жолти картони, како и Тихомир Костадинов, кој нема да може да настапи во Палермо. Добра вест, пак, е што Аријан Адеми е во тимот. Македонија е многу посилна кога на средината на теренот го има Адеми.
Се очекува Милевски да не прави драстични промени во тимот и на терен да ги испрати единаесетмината во кои веруваше и досега. Доколку нема никакви изненадувања, ќе се игра во формација 4-2-3-1. На голот ќе биде Столе Димитриевски, одбранбената четворка ќе ја сочинуваат Стефан Ристовски, Дарко Велковски, Висар Муслиу и Езџан Алиоски, во средниот ред ќе бидат Аријан Адеми и Енис Барди во дефанзивниот дел, додека офанзивно ќе играат Дарко Чурлинов, Давид Бабунски и Александар Трајковски. Во нападот, како прва опција е Милан Ристовски како класичен центарфор, иако и Дориан Бабунски е во одлична форма.
Италија и Македонија досега имаат одиграно две меѓусебни средби, во циклусот за СП 2018. Италија доста тешко дојде до победа во Скопје, едвај победија (2-3) со голот на Чиро Имобиле во 91. минута, додека во Торино резултатот беше нерешен (1-1). Ремито го донесе Александар Трајковски десетина минути пред крајот на натпреварот. Вечерва очекуваме уште една голема битка меѓу Италија и Македонија затоа што влогот е голем за двете репрезентации.