Александар Трајковски и Енис Барди, заедно со селекторот Благоја Милевски, ќе добијат дипломатски пасоши од Министерството за надворешни работи.
„Навистина сме благодарни за овој гест. За нас претставува голема чест што добивме дипломатски пасоши. Ние се обидуваме да се одолжиме со добри настапи на терен. Убаво беше да се почувствува поддршката на плоштадот. Не сме направиле ништо, ќе гостуваме во Португалија за да покажеме дека можеме да постигнеме големи нешта“, рече Трајковски.
Енис Барди е вториот фудбалер кој добива дипломатски пасош, а з атоа рече:
„Благодарам за ова што го направи државата за нас. Очекувам во иднина дека и останатите играчи ќе бидат во наша позиција. Сега се подготвуваме за Португалија, имаме три дена за анализа. Ќе биде многу тешко, ние имаме наши квалитети, па очекувам дека вторник ќе биде голем ден за нас. Треба да бидеме горди што сме стигнале дотука“, изјави Барди.
Македонските фудбалери утре патуваат за Порто, каде на 29 март ќе се сретнат со осмата репрезентација на ФИФА ранг листата, а натпреварот започнува во 20:45 часот.