Екипата на Баерн (Минхен) вечерва од 21.00 часот ќе игра против Виљареал во реванш четвртфиналето на Лигата на шампионите. Во првиот меч пред една недела шпанскиот тим тотално го надигра Баерн, но победи само со 1:0.
Вечерва на „Алијанц Арена“ домаќините немаат право на грешка и ќе се обидат да ја анулираат предноста на Виљареал. Во исто време, Шпанците најавија дека имаат цел да постигнат втор успех над нивниот славен ривал, кој е во мини-криза, бидејќи некои од ѕвездите не ја покажуваат својата најдобра форма. Притисокот дефинитивно е во таборот на Баварците, а евентуалното испаѓање од шпанскиот тим ќе биде сериозен удар за угледот на шесткратниот освојувач на Лигата на шампионите.
Тренерот на Баерн, Јулијан Нагелсман, нема да смета на Никлас Зуле, кој е болен. На неговото место во центарот на одбраната ќе дојде Лука Ернандез. Лево ќе биде Алфонсо Дејвис, кој го пропушти поголемиот дел од сезоната поради коронавирус и проблеми со срцето. Надвор од сметките е напаѓачот Ерик Максим Чупо-Мотинг, кој се уште не е опоравен од повредата на коленото.
Тренерот на Виљареал, Унаи Емери изрази оптимизам пред натпреварот со Баерн. „Сигурно ќе бидеме притиснати и ќе мораме да се браниме, но се надевам дека ќе издржиме. На домашен терен постигнуваат многу голови и се огромен фаворит. Прекрасно е што стигнавме до оваа позиција, но сакаме да продолжиме. Ова е еден од најважните натпревари во историјата на Виљареал“, прокоментира Емери.
Се очекува Емери да смета на истиот стартен состав од првиот меч. Тој ги одржуваше свежи своите клучни играчи, а ниту еден не започна во првата минута од саботниот натпревар во Ла Лига против Атлетико Мадрид (1-1).
Веројатни состави:
Баерн (Минхен): Нојер, Павар, Упамекано, Хернандез, Дејвис, Кимих, Горецка, Гнабри, Милер, Коман, Левандовски.
Виљареал: Рули, Еступинијан, По Торес, Албиол, Фојт, Кокелин, Парехо, Капу, Ло Селсо, Данјума, Жерард Морено.
Стадион: „Алијанц Арена“ – Минхен
Судија: Винчиќ (Словенија)