Англиската фудбалска Премиер лига ќе воведе засилени безбедносни мерки за да спречи инциденти. Предлогот беше едногласно усвоен на состанокот на раководствата на фудбалските клубови кои се договорија да обезбедат дополнителни стјуарди.
Во последните недели од минатата сезона имаше неколку случаи на влегување навивачи на теренот. Во последното коло, во кое Манчестер Сити ја освои титулата, навивач на „граѓаните“ го удри шведскиот голман на Астон Вила, Робин Олсен, во масовната инвазија на теренот на стадионот „Етихад“.
Претходно слична инвазија имаше и од навивачите на Евертон, кога нивниот омилен тим победи со 3:2 против Кристал Палас и обезбеди опстанок во елитата.

