Македонскиот борач Магомедгаджи Нуров победи во финалето во категоријата до 97 килограми борење слободен стил на Медитеранските игри и го освои златниот медал, откако беше подобар од Фејзула Актурк од Турција.
Нуров во мечот тргна со негатива од 0:3, но двапати потоа успеа да го надмудри својот противник по што го сврти натпреварот во своја корист (4:3) и судиите потоа прогласија победа за македонскиот борач.
Во првата битка на овој турнир Нуров беше подобар од тунискиот борец Мохамед Садауи, победувајќи го со 13-2. Следеа уште две убедливи победи со технички туш, над домашниот Мохамед Фарџ, како и шпанскиот ривал Алехандро Канада. Во полуфиналето, Нуров беше подобар од Мустафа Елдерс од Египет кого го совлада со резултат 6-1
Медал за Македонија од Медитеранските игри донесе и Владимир Егоров, кој настапи во репесаж во категоријата до 69 килограми и ја освои бронзата.

