Лондонски Челзи нема да ги пушти во Барселона своите дефанзивци Цезар Аспиликуета и Маркос Алонсо откако шпанскиот клуб се вмеша во договорот за трансфер на лондончани со Жил Кунде од Севиља. Ова го пренесува „Sport.es“.
Кунде (23) претходно се договори со Челзи и беше блиску до преселба во Англија. Сепак, во последен момент во зделката се вмеша Барселона, која исто така договори трансфер со дефанзивецот. Сега Кунде повеќе сака да остане во шпанската лига.
Аспиликуета и Алонсо се трансферни цели на Барселона која сакаше да купи двајца играчи по намалена цена поради условите на договорите на играчите. Двајцата имаат договор со Челзи кој истекува во летото 2023 година.

