Откако вчера беше официјално објавено дека јубилејното 50-то издание на Охридскиот пливачки маратон нема да се одржи поради финансиските проблеми на Националната пливачката федерација на Македонија, денес стигнуваат нови информации.
По изјавата на градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков тој потврдил дека Општина Охрид ќе го организира ова издание на престижниот маратон во водите на Охридското езеро. Градоначалникот Пецаков во својата изјава најавил дека маратонот ќе биде поддржан од Општината, спонзори и Агенцијата за млади и спорт.
Првпат по долгогодишната традиција Националната пливачката федерација да го организира Охридскиот маратон, овојпат организацијата останува единствено на градот Охрид. Главната цел е продолжување на традицијата на маратонот кој се одржува во водите на Охридското езеро и ги носи најголеми светски пливачки ѕвезди. Доколку оваа најава се реализира, тогаш 24 август е терминот во кој треба да се одржи Охридскиот пливачки маратон.