Македонската фудбалска репрезентација денес игра контролен натпревар со Саудиска Арабија, а селекторот Благоја Милевски, денес ќе ги скенира квалитетите на домашните фудбалери. Во Абу Даби, Македонија ќе одигра натпревар со учесникот на Светското првенство во Катар, Саудиска Арабија.
Во термин кој не е во календарот на ФИФА и УЕФА, нашите избраници ќе добијат вистинска шанса да се докажат во репрезентативниот дрес, бидејќи пред себе ќе имаат тим кој е редовен учесник на големите собири и е се наоѓа во фаза на подготовки за претстојното СП.
Благоја Милевски за оваа средба може да смета на фудбалери од домашното првенство, но и со двајца интернационалци – Дарко Велковски и Кристијан Тошевски. Целта на овој вид на тест-натпревар е да им се даде шанса на фудбалерите од ПМФЛ од кои Милевски ќе бара потенцијални репрезентативци за следните квалификациски циклуси.
Македонија веќе неколку дена се аклиматизира во Абу Даби, а денес ќе се спротивстави на Саудиска Арабија, предводена од селекторот Ерв Ренар. Натпреварот меѓу Саудиска Арабија и Македонија се игра денес со почеток во 16:30 часот.