Денеска ќе се одиграат 8 натпревари од 5.коло во групната фаза од Лигата на шампионите. Некои од нив ќе бидат одлучувачки за конечниот пласман и кои екипи ќе ги продолжат натпеварите во ова натпеварување. Пред две недели бевме сведоци на 36 гола во една вечер во Лигата на шампионите и сега ни останува само да посакаме повторно да бидеме сведоци на вакви интересни и ефикасни натпревари.
Во групата „Е“, Челзи се наметна како лидер по двете последователни победи над Милан, а денеска ќе гостува кај РБ Салцбург, кој исто така има амбиции за пласман во осминафиналето. Разликата меѓу двата тима е само бод во корист на англискиот тим. На „Стемфорд Бриџ“, Челзи не успеа да победи против Австријците, кои се единствениот тим без пораз во групата.
Милан не му зеде бод на Челзи и се најде во прилично неповолна ситуација, но сепак има шанси да се бори за учество во фазата на директни елиминации. За Милан клучно е гостувањето кај Динамо (Загреб). Теоретски, нерешениот резултат ќе ги задржи во игра избраниците на Стефано Пиоли, но повеќе од сигурно е дека италијанскиот шампион ќе брка само победа. Истото важи и за Динамо Загреб, кои веќе покажаа дека не се за потценување со успехот против Челзи на својот стадион „Максимир“.
Во групата „Ф“, Реал Мадрид во голема мера си ја заврши работата, но за да обезбеди пласман во осминафиналето му треба барем нерешен резултат на гостувањето кај РБ Лајпциг. Избраниците на Карло Анчелоти оваа сезона повторно докажаа дека знаат да извлечат максимум од секој натпревар, дури и кога не блескаат. РБ Лајпциг е на второто место, но само бод повеќе од Шахтјор (Доњецк). Украинците гостуваат кај аутсајдерот од групата Селтик и ќе бркаат задолжителна победа, додека се надеваат дека РБ Лајпциг ќе загуби од Реал Мадрид. Единствениот бод на Селтик досега го освоија токму против Шахтјор. Шкотскиот гигант има многу мали шанси за втората позиција, но може да заврши на третото место и да се пресели во Лига Европа.
Манчестер Сити ја заврши работата пред предвиденото во групата „Г“ и му треба само бод на гостувањето кај Борусија Дортмунд за да заврши на првото место. Натпреварот на „Сигнал Идуна Парк“ ќе биде посебен за гол-машината Ерлинг Халанд, кој ќе игра против својот поранешен тим. Борусија Дортмунд има 5 бода предност пред Севиља и ФК Копенхаген, но се уште нема загарантирано место во осминафиналето.
Севиља се избори за реми на гостувањето кај Борусија Дортмунд, а денеска со единствена мисла за победа го пречекуваат ФК Копенхаген. Сезоната за Севиља не поминува како што се очекуваше, но во последните недели е забележан напредок во играта. ФК Копенхаген е способен добро да се брани, но нема постигнато ниту еден гол на 4 претходни натпревари.
Во групата „Х“ ќе биде најинтересно. Јувентус има тешка задача пред себе и секој друг резултат освен победа против Бенфика во Лисабон ќе значи дека „бјанконерите“ нема да се пласираат во осминафиналето. Задачата не е воопшто лесна бидејќи Бенфика е во одлична форма. Португалскиот гигант нема пораз од почетокот на сезоната, викендот триумфираше во дербито со Порто, а во ЛШ двапати ремизираше со Пари Сен Жермен. Избраниците на Роџер Шмит ја докажаа својата класа и со успехот од 2:1 над Јувентус во Торино.
ПСЖ го пречекува Макаби (Хаифа) и може да направи решавачки чекор кон првото место во групата. Францускиот гигант при гостувањето во Израел не наиде на потешкотии и победи со 3:1. Како и Бенфика, тимот на Кристоф Галтие е непоразен оваа сезона во сите натпреварувања. Макаби (Хаифа) одигра добар натпревар и ги изненади сите со успехот против Јувентус, но тешко дека можат да направат чудо на „Паркот на принцовите“.