Напаѓачот на Атлетико Мадрид, Жоао Феликс одлучи што поскоро да го напушти клубот. Тој се надева дека тоа ќе се случи за време на зимскиот преоден рок. Португалецот не се чувствува среќен на „Ванда Метрополитано“ и верува дека не може да го развие целиот свој потенцијал под водство на Диего Симеоне. Затоа одлучил дека е време да ја промени средината и да си ја проба среќата на друго место, тврдат медиумите во Шпанија.
Феликс разговарал со својот агент Хорхе Мендеш, кој ја поддржал неговата одлука. Менаџерот веќе се зафати со задача да му најде нов клуб на 22-годишниот играч, откако го понуди на некои од врвните европски тимови како Манчестер Јунајтед, Пари Сен Жермен и Баерн Минхен.
Атлетико, исто така, се чини дека сака да се раздели со најскапиот играч купен во нивната историја. Клубот имаше многу поголеми очекувања од Португалецот, кој никогаш не ги оправда. Освен тоа, на клубот итно им се потребни свежи средства во касата откако претрпеа огромен неуспех и во многу рана фаза испаднаа од европските натпреварувања.
Феликс беше донесен во Атлетико од Бенфика во 2019 година за 127 милиони евра. За Атлетико Мадрид има 128 настапи, 32 гола и 18 асистенции во сите натпреварувања. Во моментов неговата цена падна на 50 милиони евра и Атлетико Мадрид во секој случај мора да прифати дека ќе биде во загуба од евентуална негова продажба.