Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино ги повика Русија и Украина да го прекинат огнот за време на Светското првенство во Катар. Тој ја пренесе пораката до лидерите на земјите од Групата 20 (Г20) и додаде дека ова натпреварување може да послужи како платформа за постигнување мир бидејќи ќе го следат речиси 5 милијарди луѓе.
„Моето барање е прекин на огнот за време на Светското првенство. Предлагам организација на хуманитарни коридори или што било друго што може да послужи како почетна точка за дијалог за мир“, рече Инфантино во своето обраќање пред лидерите на Г-20.
„Вие сте лидери на големите земји во светот. Имате средства да влијаете на меѓународните настани. Светското првенство започнува во недела, а војната во Украина не е единствениот проблем за учесниците и навивачите на турнирот. Секојдневно има протести против систематското кршење на човековите права во Катар, а особено на мигрантите кои работат во земјата“ рече Инфантино.