Капитенот на Англија, Хари Кејн, се надева дека што е можно поскоро ќе го собори рекордот на Вејн Руни според бројот на голови во дресот на Англија. Напаѓачот на Тотенхем ќе го предводи нападот на Англија на отворањето на Светското првенство во групата „Б“ денеска против Иран.
На Кејн му требаат само два гола за да ги израмни 53-те на Руни и тоа е многу реално да се случи во Катар.
„Се надевам дека ќе го подобрам рекордот што е можно поскоро“, изјави Кејн на новинарите пред првиот дуел на Англија со Иран.
Кејн има постигнато 51 гол за националниот тим на 75 натпревари.
„Знам дека луѓето ќе зборуваат за овој рекорд, но јас повеќе би сакал да се фокусирам на мојата игра. Сигурен сум дека со составот што го имаме ќе создаваме шанси и само треба да бидам подготвен да ги реализирам. Имав среќа да играм со Вејн и тој беше одличен играч. Го гледав како игра на големите турнири и огромна чест е да се биде блиску до неговиот рекорд“, рече Кејн.
