Белгиската ѕвезда Кевин Де Бруин беше прогласен за играч на натпреварот во победата од 1:0 над Канада на Светското првенство во средата. Сепак, играчот од средниот ред на Манчестер Сити изрази збунетост од наградата, бидејќи рече дека одиграл лош натпревар.
Белгијците наидоа на сериозен отпор кај канадските фудбалери и беа надиграни во многу моменти од натпреварот. Голманот Тибо Куртоа го одбрани пеналот на Алфонсо Дејвис, а Миши Батшуај го постигна победничкиот гол за „црвените ѓаволи“.
„Мислам дека не одиграв силен натпревар, не знам зошто ја добив наградата за играч на натпреварот – можеби поради моето име. Едноставно не одигравме добро, особено во првото полувреме. Почнавме многу лошо, не можевме да се пробиеме во нападот. Не одигравме добро, вклучително и јас, но успеавме да победиме“, рече Де Бруин на прес-конференцијата по натпреварот.
„Треба да играме со пократки додавања и да го поминеме пресингот на противникот, но мислам дека не бевме доволно храбри да го наметнеме тој стил. На полувремето ги приспособивме работите и игравме подобро“, заклучи Де Бруин.