Францускиот голман Уго Лорис ги сподели своите очекувања од четвртфиналниот натпревар на Светското првенство против Англија. Средбата ќе се одржи утре, 10 декември со почеток во 20:00 часот.
„Некои од нас играат и тренираат со англиски играчи секој ден. Ако можеме да им помогнеме на соиграчите со знаењето стекнато во клубовите, тоа ќе го направиме. Добри се во дуел игра, високи се, имаат играчи кои можат да изведуваат добри слободни удари. Мораме да бидеме многу внимателни, но нашиот напад има се што ни е потребно за да им направиме проблем во нивната одбрана. Ако ги споредиме двете селекции, има повеќе англиски играчи кои биле на Светското првенство во Русија отколку француски. Англија на последното Светско првенство стигна до полуфинале, а на ЕП заврши на второто место – навистина напредува. Овој тим е подготвен да се бори за трофеи. Немаа среќа на последното ЕП, беа блиску до победа и сега се тука да победат. Нашиот тим претрпува промени, се појави нова генерација на играчи кои се подготвени да се натпреваруваат, играјќи во најдобрите клубови во Европа. Ова е добра мешавина на искуство и младост, ние стануваме посилни од ден на ден“, беа зборовите на Лорис за „Ројтерс“.