Репрезентацијата на Хрватска го освои бронзениот медал на Светското првенство во Катар, откако денеска во малото финале славеше со 2:1 над селекцијата на Мароко.
Африканците кои го постигнаа историскиот резултат со пласманот во полуфиналето, не успеаја да станат првата африканска фудбалска репрезентација со медал на Мундијалите. Од друга страна, ова е трет медал за Хрватска на шест светски првенства.
Почетокот на натпреварот беше исклучително возбудлив. По само седум минути игра Хрватите поведоа со голот на Гвардиол, но две минути подоцна, Мароканците возвратија за 1.1 со погодокот на Дари.
Одлуката падна во 42. минута кога Мароканците ја загубија топката на својата половина. Ливаја го вработи Оришиќ по левата страна, а играчот на Динамо Загреб со „магичен“ удар го погоди далечниот агол од мароканскиот гол и ја врати предноста на Хрватска.
Иако Мароканците имаа неколку добри шанси во второто полувреме, на крајот мораа да се задоволат со пласманот на 4. место.