Македонската ракометна репрезентација од вчера е во Пореч каде ќе ги одигра последните две пријателски средби во рамките на подготовките за Светското првенство во Полска и Шведска.
Прв противник на нашата репрезентација е селекцијата на Хрватска. Домаќинот ќе ја има поддршката од своите навивачи, затоа што сите билети за оваа средба се распродадени, дуелот е закажан во 20:15 часот.
Македонија на овој натпревар, како и утрешниот против Израел во рамките на „Кроација Купот“ ќе биде без помошта на Филип Талески, кој го повреди скочниот зглоб пред неколку дена, како и без Никола Митревски. Искусниот голман доби дополнителна поштеда од Лазаров. На списокот на ракометари кои не отпатуваа за Хрватска не се најде ниту Цветан Кузманоски.
Нашите ракометари во недела треба да се вратат во Скопје каде ќе останат уште три дена, по што на 11. Јануари ќе заминат за Краков, градот домаќин на нашата група. На стартот на СП, Македонија ќе игра против Норвешка (13.01), два дена подоцна е дуелот со Холандија, додека на 17. јануари е мечот против Аргентина. Првите три репрезентации од секоја група ќе се пласираат во главната рунда, последнопласираната ќе игра во Президент Куп.