Напаѓачот на Челзи, Пјер-Емерик Обамејанг веќе бара начин да го напушти клубот. За него во јануари имаше интерес од Шпанија и Италија, но трансфер не се случи, бидејќи сезонава веќе играше за две екипи – Барселона и Челзи и нема право да игра за трета. Сега, сепак, му се отвора можност да замине во САД и да се приклучи на ФК Лос Анџелес, а таков трансфер е можен, доколку самиот играч се согласи, пишува „London Evening Standard“.
Можна е преселба во американски тим за Обамејанг поради фактот што новата сезона таму започнува во февруари. Покрај тоа, трансфер периодот во земјава е отворен до 24 април. Сепак, Обамејанг не е убеден дека тоа ќе биде вистинскиот чекор за продолжување на кариерата.
Од друга страна, пак, напаѓачот ризикува пролетната полусезона да ја помине на клупата на Челзи. Се очекува да добие само неколку шанси за настап, особено по големата активност во зимскиот преоден рок на клубот. Јасен знак за тоа беше неговото отстранување од составот за продолжението од сезоната во Лигата на шампионите. Во Лос Анџелес, Обамејанг може да биде како замена за Герет Бејл, кој изненадувачки реши да стави крај на кариерата. Сепак, Американците допрва ќе треба да најдат начин да го убедат фудбалерот да ја прифати нивната понуда.